Денес едноставно не ви е ден. Мрзоволно излегувате да го исфрлите ѓубрето што се собрало. Косата не ви е измиена, преку старата домашна тренерка (со дупчиња на коленото) навлекувате елек, а на нозете обувате крокси. Сепак, одите само до контејнерот. Се разбира, токму тогаш ја среќавате поранешната другарка од средно. Совршено средена, очигледно добростоечка, онаа со која отсекогаш тајно сте се споредувале. Таа се насмевнува и прашува: „Како си?“

Ох не! Зошто ме задржува, само уште појасно ќе ја види дупката на облеката и кесата со ѓубре!
„Добро сум, извини, брзам“, го скратувате разговорот и забрзано заминувате кон контејнерот, вртејќи се за да проверите дали заминала.
„Сигурно ѝ е мило што ме гледа токму вака“, ви поминува низ глава. „Сега ќе им раскажува на другите пријателки, кои ќе се насладуваат на ‘мојата пропаст’.“
Но тука не е крајот на вашите мисли. Средбата што траеше само неколку секунди во вашата глава продолжува да живее со часови, преку претпоставки, замислени дијалози и негативни заклучоци за вас што никој не ги изговорил. Сè прераснува во мала замислена претстава во која вие сте главната тема, и тоа во најнеповолната улога. На крајот, поради приказната што сами сте ја изградиле за себе, од оваа случајна средба излегувате повредени.
Зошто сме склони вака да размислуваме?
Во коренот на овој вид социјална анксиозност и претерано преиспитување се наоѓа една мала несовршеност на човечкиот вид. Станува збор за нашата когнитивна пристрасност, позната под името „ефект на рефлектор“. Тоа е внатрешна склоност да преценуваме колку другите луѓе мислат на нас, колку ги забележуваат и паметат нашите постапки, изглед и грешки. Исто како под светлата на рефлектор, имаме впечаток дека сме под постојан надзор, што во некои ситуации (како во примерот погоре) може да доведе до чувство на јавно понижување и негативна слика за себе. Ни се чини дека другите луѓе обрнуваат повеќе внимание на нас отколку што навистина прават. Токму затоа оваа мала когнитивна несовршеност може да доведе до големо страдање и исцрпеност.
Гледано од психолошки агол, постојат три главни извори на овој феномен:
- Егоцентрична перспектива. Се разбира, ние сме центарот на својот свет и тоа е во ред. Но врз основа на оваа перспектива, понекогаш се случува да мислиме дека и остатокот од светот ја има истата гледна точка, дека сме и центар на туѓите мисли. Понекогаш заборавиме дека другите луѓе се зафатени со сопствените универзуми, несигурности и грижи.

- Проекција на внатрешната самокритика. Денес сите веќе сме свесни дека нашите стравови од осуда најчесто се одраз на тоа колку самите себеси се осудуваме. Она што мислиме дека другите го гледаат често е проекција на нашиот строг поглед кон себе.
- Идеализација на другите. Третиот извор е нашата склоност другите луѓе да ги доживуваме постабилни, посигурни и „посредени“ отколку што навистина се. Во такви мигови навистина веруваме дека „вакви непријатни ситуации“ ни се случуваат само нам, додека другите поминуваат низ животот полесно, без сомнежи и несигурност. Оваа идеализација го засилува чувството на срам и изолација, бидејќи веруваме дека сме единствените што „не функционираат како што треба“.
Колку другите навистина мислат на нас: што велат бројките?
Ова внатрешно доживување, дека постојано нè проценуваат, психологијата се обиде да го измери. И резултатите го потврдуваат она што нашата анксиозност понекогаш одбива да го прифати. Во истражувањата на оваа тема, учесниците верувале дека нивните непријатни мигови ќе ги забележат околу педесет отсто од присутните. Резултатите, сепак, покажале нешто сосема друго: тоа го забележало само малцинство, меѓу десет и дваесет и пет отсто од присутните. Значи, во ситуации што ги доживуваме како срамни или непријатни, редовно преценуваме колку другите нè забележуваат и проценуваат. Иако можат да ги забележат туѓите грешки, важно е да се каже и дека луѓето често ги осудуваат помалку отколку што претпоставува засрамената личност.
Заклучокот е изненадувачки ослободувачки: дури и кога во сопствените очи сме во „најлошото издание“, повеќето луѓе воопшто не нè забележуваат. Додека ние трошиме енергија замислувајќи публика што внимателно нè анализира, таа публика е главно зафатена со сопствените мисли, дилеми или екрани.

Проблемот не е во тоа што понекогаш погрешно процениме, туку во тоа што кон сопствените грешки се однесуваме како да се јавни настани. Кога ќе помислиме дека сме „под рефлектор“, телото навистина поверува дека е во опасност. Пулсот се забрзува, растат стравот и срамот, а умот бара начин да се повлече или да се скрие. Затоа, освен што е важно да се знае за ефектот на рефлектор, добро е да научиме како да го стишиме во секојдневните ситуации.
Што можеме да направиме за да се чувствуваме подобро и да ги „пригушиме светлата“
Кога ќе сфатите дека сте се ставиле себеси под микроскоп и дека самокритиката станува сè поинтензивна, еве како да ја намалите тензијата:
- Тест на објективност. Запрашајте се дали вие би осудиле некого поради „домашно издание“, откопчан патент или две мозолчиња? Веројатно би заборавиле на тоа за три секунди. Зошто? Затоа што сите ние имаме вакви изданија.
- Верувајте им на доказите, а не на претпоставките. Не мора постојано да барате скриени траги и знаци на осуда. Едноставно следете што луѓето прават и што велат. Ако велат дека не ги ни забележале „грешките“, верувајте им. Нивните реакции често се многу поблаги отколку што мислиме.
- Вежбајте самосвест. Наместо панично да бркате одобрување од другите, подобро проверете со себеси: „Што ми е мене важно во оваа ситуација?“ Кога ќе почнеме да ја цениме сопствената перспектива, стравот од туѓиот суд почнува да бледнее. На крајот на краиштата, кој знае што ѝ било на ум на таа дотерана другарка. Можеби и таа имала дупка на чорапот.
Ментален експеримент за брзо олеснување
Пред следниот пат да ѝ дозволите на анксиозноста да ви го диктира нивото на срам, направете го овој краток ментален експеримент и одговорете на следното прашање: колку точно луѓе што ги сретнавте денес имаа дамка на маицата, кармин на забите или лапсус во говорот?
Не знаете? Се разбира дека не знаете. Не сте забележале, а и да сте забележале, веројатно сте заборавиле пред да го испиете кафето. Токму тоа е клучот. Ако вие не ги забележувате туѓите „мини-катастрофи“, зошто тогаш светот би водел дневник за вашите?

Добрата вест: имате дозвола да бидете несовршени
Значи, додека ние овде се грижиме „што ќе кажат другите за нас“, во реалноста повеќето од нив воопшто не мислат на нас. Да живее слободата! Повеќето луѓе се, всушност, премногу заслепени од своите рефлектори (по овој текст, се надевам, помалку). Ако сме во иста канцеларија, постои многу мала шанса да запаметам какви чевли носите. Зошто? Затоа што имам свој живот за кој треба да мислам. Размислувам што ќе јадам на паузата, се обидувам да сфатам што воопшто сака мојот шеф од мене или мислам на состанокот на Zoom во дванаесет часот.
Кога навистина ќе прифатиме дека не сме постојано во фокусот на туѓите мисли, добиваме дозвола да бидеме автентични. Слободата не доаѓа од аплаузот на другите, туку од свеста дека тој аплауз или критика всушност не ни се неопходни за да постоиме. Дозволете си да грешите и да заземете простор, бидејќи светот, за наша среќа, има многу други правци во кои гледа и ретко е трајно фокусиран на нас.
Во време на постојана видливост и социјални мрежи, чувството дека сме под рефлектори може да биде уште поизразено. Но психологијата нè потсетува дека ни тогаш не нè набљудуваат толку колку што ни се чини.
Оригинал: Elle.rs.



