Книгите се многу повеќе од обична разонода или начин да го скратиме времето. Тие имаат моќ да ни отворат нови видици и да ја сменат перспективата, што понекогаш е неопходно. Сепак, во морето наслови, честопати најтешко е да се избере вистинскиот. Анѓелина Петровиќ, авторка на профилот „Шта читаш.ти“, подготви внимателен избор на книги наменети за посебни животни мигови. Меѓу овие наслови ќе најдете такви што лекуваат, такви што поттикнуваат внатрешен дијалог, но и такви што ќе ве насмеат до солзи.
Која книга би ја препорачале на секоја жена и зошто?
„Нејзиното тело и други забави“ од Кармен Марија Мачадо. Осум раскази што зборуваат за тоа како, и дали, жената има право на своето тело. Многу прецизна и шокантна, со примеси на бајка, хорор и фантастика, а всушност многу блиска на современото секојдневие. Книгата поставува прашања за женственоста, додека хероините се борат против веќе вкоренетите предрасуди.
Кој роман лекува скршено срце?
Можеби „Нормални луѓе“ од Сали Руни. Таа книга покажува дека двајца луѓе можат многу да се сакаат, а од друга страна постојано некако да се разминуваат. Токму во тоа прифаќање лежи нејзиното терапевтско дејство.
Три класици што секој би требало да ги прочита?
Прво, и задолжително, Достоевски, „Злосторство и казна“, бидејќи се занимава со вечните прашања на совеста, искупувањето и простувањето. Потоа „Изгубени илузии“ од Балзак, бидејќи го сецираат човечкиот карактер речиси до совршенство. И серијалот на Пруст „Во потрага по изгубеното време“, бидејќи ништо слично на тоа никогаш не е напишано.

Која книга ја читате во еден здив?
„Се плашам, тореадоре“ од чилеанскиот писател Педро Лемебел. Тоа е навистина нешто посебно. Тој е стилист меѓу писателите.
Кој роман најубаво зборува за загубите?
„Летото кога мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак. Таа книга длабоко ме трогна и ме расплака, бидејќи ми покажа дека загубата секогаш е во некаков однос со простувањето.
Која книга ве насмеа до солзи?
„Наивен. Супер.“ од норвешкиот писател Ерленд Лу. Многу духовито и саркастично зборува за наивните претстави за животот, преку антихерој што смислата ја бара на погрешни места.
Кој роман најреално и најубаво раскажува за пријателството?
Дефинитивно „Неаполската тетралогија“ од Елена Феранте. Приказната за Елена и Лила не е само приказна за животот на две пријателки, туку лекција за љубовта, ривалството и зависноста. За она што нè гради и урива во исто време, што ни дава сила и ги држи нашите слабости во шака.
Која книга од Довлатов или од Маркес би ја препорачале на секого и зошто?
Довлатов е тешко да не се сака, бидејќи е непретенциозен гениј. Во кратката автобиографска книга „Занает“ зборува за тоа како писателот се снаоѓа во тоталитарен систем што постојано го гуши, со лесен хумор, но и со длабоко сочувство.
Кога ќе помислам на Маркес, секогаш прво ми паѓа на ум „Сто години осаменост“, во која, освен приказната за седум генерации од семејството Буендија, писателот го насочува вниманието кон историјата, поимот за времето, војните, сеќавањето и заборавот. Вредна е секакво внимание.

Три книги што поттикнуваат интроспективно размислување и внатрешно преиспитување?
„Тунелот“ од Ернесто Сабато, еден од ретките писатели што толку длабоко влегува во мислите на јунакот и ги анализира речиси со хируршка прецизност.
„Приказна за суштеството на времето“ од Рут Озеки, дневник на тинејџерка што сака да се убие, а во чија позадина се кријат длабоки филозофски прашања за времето и сегашниот миг.
„Светот на Софија“ од Јостејн Гордер, во кој едно девојче добива анонимни писма со прашања за светот, за смислата и за сè она на што немаме одговор.
По принципот на Letterboxd: кои се вашите четири омилени книги и зошто?
„Музеј на невиноста“ од Орхан Памук, бидејќи толку топло зборува за тенката линија меѓу љубовта и опсесијата.
„Хамлет“, бидејќи Шекспир таму, барем за мене, кажал сè што има да се каже за луѓето.
„Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера, бидејќи ме потсетува дека животот може да биде лесен, но дека леснотијата на изборот честопати е опсена што оптоварува.

„Продавница на тајни“ од Дино Буцати, во која необичните раскази зборуваат за она што го одложуваме, што го прифаќаме и што, во исто време, се плашиме да го смениме.
Оригинал: Elle.rs. Изборот го подготви Анѓелина Петровиќ, авторка на профилот „Шта читаш.ти“.



