Не знам како е кај вас, но ми се чини дека успехот често се слави како единствена мерка за вредност. Неуспехот остана тивка траума, нешто што го криеме, потиснуваме и се надеваме дека никој нема да го забележи. Гледано низ филтрите на триумфот, вистинскиот живот често пишува поинакви приказни, оние во кои паѓаме, губиме, грешиме, бидуваме одбиени. Иако болни, тие мигови не носат само горчина од поразот, туку и непроценливи лекции за тоа кои сме, што сакаме и како растеме.
Зошто се плашиме од неуспехот?
Уште од мали нозе учиме дека неуспехот значи слабост: лоша оценка, промашување во спортот, несмасност, погрешен избор. Казната доаѓа брзо, а наградата само ако сме „најдобри“. И така растеме верувајќи дека грешката е нешто што треба да се избегне по секоја цена, наместо да ја прифатиме како составен дел од растот.
Тој страв од неуспех со годините прераснува во внатрешен критичар што нè парализира, нè сопнува при донесувањето одлуки и нè турка во перфекционизам или во откажување.
Во психологијата постои поимот fixed mindset (фиксен начин на размислување), уверувањето дека нашите способности се непроменливи и дека неуспехот ја докажува нашата ограниченост. Спротивно на тоа, growth mindset (начин на размислување насочен кон раст) го гледа неуспехот како шанса за учење. Разликата е огромна: првиот нè затвора, вториот нè отвора. И додека двата модели се всадени уште во детството, добрата вест е дека можеме да ги менуваме.
Културата на неуспех не значи величање на поразот, туку создавање простор во кој неуспехот не е крај на патот, туку негов неопходен крстопат. Од личен пример, јас денес обожавам грешки! Во фирмата често ги охрабруваме грешките, бидејќи кога боли, најлесно се учи! Меѓутоа, не било отсекогаш така…
Неуспехот како огледало
Ниеден пад не доаѓа случајно. Тој нè повикува да застанеме, да се преиспитаме и да погледнеме наназад. Понекогаш нè учи на трпеливост, понекогаш на понизност. Неретко нè предупредува дека сме на погрешен пат или дека се обидуваме да бидеме нешто што не сме. Во секој случај, носи јасна слика.

Ја изгуби работата? Можеби ова е мигот конечно да го започнеш она за што со години сонуваше. Прекина врска што те исцрпуваше? Можеби конечно се избра себеси. Твојот проект не успеа? Можеби тоа е сигнал да му пристапиш од друга перспектива, со повеќе искуство и помалку его.
Нашите падови нè обликуваат многу повеќе од нашите успеси. Во успесите го славиме она што го знаеме, а во неуспесите го откриваме она што уште не го знаеме, за себе, за другите, за светот. Неуспехот нè тера да се разголиме, да ги симнеме маските и да се погледнеме себеси без илузии. Дури тогаш почнува вистинската трансформација.
Успешни во неуспехот
Во современата култура, особено во женската сфера на успехот, често заборавиме дека зад секое големо име стои низа неуспеси. Со мало истражување дојдов до следните сознанија: Џ. К. Роулинг била одбиена од дванаесет издавачи. Опра Винфри како млада новинарка била отпуштена затоа што била „несоодветна за телевизија“. Вера Ванг не била избрана во американскиот олимписки тим во уметничко лизгање, па стана најпознатата дизајнерка на венчаници во светот.

Нивните приказни нè потсетуваат дека неуспехот не е крај на патот, туку често почеток на нешто поголемо, подлабоко и поавтентично.

Важно е и како зборуваме за неуспехот, особено жените. Од нас се очекува да бидеме совршени мајки, партнерки, деловни жени, негувани и стабилни. Во таа тишина на совршенството, секоја грешка изгледа како личен пораз, а не како нормален дел од животот. Затоа е важно отворено да зборуваме за грешките, падовите, неуспешните проекти и неостварените цели. Во таа искреност лежи силата на заедништвото, бидејќи никој не успева ако претходно не падне.
Како да негуваме здрав однос кон неуспехот?
Овој пасус го пишував повеќе пати. Сакав да кажам дека грешките треба да се нормализираат, идентитетот да се одвои од резултатите, да не се обвинува, да се слави обидот… А всушност, треба само да се продолжи, да се сподели приказната и да се опкружиме со слични на нас.
Културата на неуспех како култура на храброст
Замислувам свет во кој неуспехот не е срам, туку храброст. Во кој се поттикнува експериментирањето, грешките се прифаќаат како дел од патот, а ранливоста станува извор на сила. Во таков свет децата не се откажуваат по првата лоша оценка, жените не молчат за своите неуспешни обиди, а лидерите искрено зборуваат за сопствените грешки.

Таквата промена почнува од нас, од начинот на кој гледаме на своите падови, но и на падовите на другите. Зашто вистината е едноставна: сите паѓаме. Прашањето е само дали од тие падови ќе станеме помудри, похрабри и повеќе свои отколку порано.
Неуспехот не нè дефинира. Начинот на кој се справуваме со него, тоа е она што нè обликува.
Јас себеси се нарекувам најлошиот проектен менаџер што го познавате, бидејќи бројот на моите погрешни потези, наспроти добрите, апсолутно ми ја става таа титула покрај името. Во што вие погрешивте и што ве направи личноста што сте денес?
Оригинал: Elle.rs.



