Огледалото кажува повеќе за нашата психологија отколку за изгледот. · Фото: Dmartin.photo, CC BY-SA 4.0, Wikimedia Commons
Биди добро

Огледалце, огледалце: како навистина се гледаме себеси и зошто често грешиме

Повеќето луѓе погрешно ја проценуваат сопствената привлечност. Огледалото открива повеќе за нашата психологија отколку за нашиот изглед.

Сите барем еднаш сме застанале пред огледалото со истото прашање: дали другите го гледаат она што го гледам јас? Дали сум попривлечна, или помалку привлечна, отколку што мислам? Се покажува дека огледалото кажува многу повеќе за нашата психологија отколку за нашиот вистински изглед.

Кој се потценува, а кој се преценува?

Германскиот психолог Тобијас Грајтемајер спроведе серија од шест истражувања со повеќе од илјада учесници од Европа. Учесниците ја проценуваа сопствената привлечност, а потоа истите лица ги оценуваа и непознати набљудувачи. Резултатите беа изненадувачки:

  • луѓето што другите ги оценија како натпросечно привлечни најчесто се потценуваа себеси;
  • оние што беа оценети како помалку привлечни имаа тенденција да се преценуваат;
  • најблиску до реалноста беа луѓето со просечен изглед;
  • преценувањето кај помалку привлечните беше посилно од потценувањето кај привлечните.

Дури и кога ги замолија помалку привлечните учесници да замислат како ги гледаат другите, тие повторно се оценуваа подобро од набљудувачите.

Искривеното огледало во секојдневниот живот

Овие резултати ни се познати од секојдневието. Добиваме комплимент што не сме го очекувале, или мразиме фотографија што сите други ја фалат. Причината е во тоа што нашето „внатрешно огледало“ не е неутрално. Го обликувале детството, критиките и пофалбите што сме ги слушале, и сите односи низ кои сме поминале.

Преценувањето може да биде одбранбен механизам, начин да се заштитиме од критика, а понекогаш и последица на силна поддршка во раното детство. Потценувањето, пак, често е поврзано со строг внатрешен критичар и перфекционизам. Парадоксално, токму грижата за изгледот што доаѓа од тој перфекционизам понекогаш придонесува човекот навистина да изгледа привлечно.

Истражувањето покажа и уште нешто: луѓето што се помалку привлечни се поблаги во проценувањето на другите и гледаат убавина кај поширок круг луѓе.

Што навистина нè прави привлечни?

Набљудувачите во голема мера се согласуваа кој е привлечен, но многу помалку кој не е. Значи, согласноста е само делумна. Освен тоа, истражувањето ја мереше само физичката привлечност, врз основа на фотографии од непознати луѓе. Харизмата, хуморот, топлината и интелигенцијата не беа земени предвид. Пријателите или партнерите сигурно би ги оцениле истите луѓе поинаку.

На нашата слика за себе силно влијаат и културата и социјалните мрежи. Идеализираните фотографии и филтрите за убавина создаваат нереални стандарди и ја бришат границата меѓу вистинскиот и замислениот изглед. Кога се споредуваме со внимателно избрани слики на интернет или ја мериме својата вредност со бројот на лајкови, внатрешното огледало станува уште покриво.

Како да го усогласиме внатрешното огледало со реалноста

  • Препознајте го внатрешниот критичар. Запрашајте се дали вашата проценка за себе ве штити или ве саботира. Престанете да се споредувате со сликите од социјалните мрежи.
  • Градете самодоверба врз она што можете да го контролирате: знаењето, добрината, хуморот, страстите.
  • Препознајте ја својата уникатност. Насмевката, движењата, енергијата и начинот на кој се смеете се дел од вашата привлечност, кои ниту една фотографија не ги доловува целосно.
  • Негувајте односи со луѓе што ве ценат поради она што сте, а не само поради изгледот.

Привлечноста не е само симетрија на лицето. Таа е склад меѓу она што го чувствуваме внатре и она што го покажуваме нанадвор. Затоа, следниот пат кога огледалото ќе ви „каже“ нешто, примете го тоа со доза сомнеж.

Прочитајте и