Виа Алпина ги поврзува осум алпски земји, од Трст до Монако. · Фото: Naturpuur, CC BY-SA 4.0, Wikimedia Commons
Фит

„Осмели се да тргнеш кон она што те плаши“: зошто жените рушат машки рекорди на долгите трки?

Софи Вудс ја помина Виа Алпина, долга 2.000 километри, и го собори машкиот рекорд. Како е тоа воопшто можно?

Дваесет и девет дена трчање. Низ осум земји, преку Алпите, од Трст до Монако. Пат долг 2.000 километри, со повеќе од 100.000 метри искачување. Во просек три до четири часа сон секоја ноќ.

Софи Вудс, која на трките се натпреварува под моминското презиме Софи Грант, го помина сето тоа на патеката Виа Алпина и притоа ги собори дотогашните женски и машки рекорди. Новозеландската ултрамаратонка беше повеќе од седум дена побрза од дотогашниот машки рекорд. И самата морала да се соочи со фактот дека го соборила не само женскиот, туку и вкупниот рекорд.

„Кога ќе помислам на тоа, ме полазуваат морници“, вели Вудс во разговор за DW. „Да се собори вкупниот рекорд е неверојатно.“ Сепак, рекордот не беше нејзината единствена цел. „Бев таму заради авантурата“, вели таа. Си постави само една граница: „Не сакав да бидам на пат подолго од еден месец. Тоа ми беше доволно.“

Колку е подолга трката, толку жените имаат подобри шанси

Вудс не е единствената жена што последниве години собори машки рекорд во спортовите за издржливост. Рејчел Ентрекин победи во 2026 година на трката Cocodona 250 во САД, долга околу 400 километри, и притоа постави нов вкупен рекорд на таа патека.

Тара Даудер во 2025 година го истрча Long Trail, долг околу 440 километри, во американската сојузна држава Вермонт, за 3 дена, 18 часа и 29 минути, и така го надмина дотогашниот машки рекорд за 2 часа и 40 минути.

Уште во 2019 година германската лекарка Фиона Колбингер стана првата жена што победи на трката Transcontinental Race. По речиси 4.000 километри возење велосипед низ Европа, таа заврши речиси осум часа пред второпласираниот маж. Истата година Јасмин Парис стана првата жена што победи на трката Spine Race во Велика Британија, долга 430 километри, и го подобри дотогашниот рекорд на патеката за повеќе од 12 часа.

Голема анализа што ја спроведоа RunRepeat и Меѓународната асоцијација на ултрамаратонци опфати повеќе од пет милиони резултати од повеќе од 15.000 ултрамаратони. Резултатот: колку подолга била трката, толку жените во просек повеќе им се приближувале на резултатите на мажите.

На маратон мажите, како што покажува анализата, во просек биле 11,1 отсто побрзи. На 100 милји, односно околу 160 километри, разликата изнесувала само 0,25 отсто. На дистанци подолги од 195 милји, односно околу 314 километри, жените во просек биле дури 0,6 отсто побрзи.

„Добри сме во решавањето проблеми“

Зошто жените можат подобро да ги следат или да ги достигнат резултатите на мажите токму тогаш кога оптоварувањето станува сè поекстремно?

Некои нивни физички особини би можеле да бидат предност. Жените во просек имаат поголем удел на мускулни влакна од тип I, кои се поотпорни на замор, а при активности каде што е важна издржливоста релативно повеќе ги користат мастите како извор на енергија.

Предностите што мажите ги имаат благодарение на поголемата мускулна маса и поголемото максимално примање кислород можат да бидат помалку важни при екстремно долги оптоварувања отколку при пократки трки. „Веројатно подобро ги согоруваме мастите и затоа можеме подолго да издржиме“, вели Софи Вудс.

Но за неа тоа е само дел од објаснувањето за успехот на жените. „Мислам дека знаеме да го оставиме егото настрана. И мислам дека сме добри во решавањето проблеми.“

Затоа што во еден момент ултрамаратонот повеќе не е само прашање кој може побрзо да трча. Кој ќе спие, кога и колку долго? Колку храна телото може уште да поднесе? Што се случува кога стапалата ќе почнат да болат или телото повеќе не реагира онака како што треба и како што било планирано?

Во тие одлуки Вудс му веруваше на својот тим. „Едноставно го ставив својот живот во нивни раце“, вели таа. Наутро тргнуваше да трча и престануваше дури кога тимот ќе ѝ кажеше дека е време за одмор. „Се обидувате да контролирате сè што можете да контролирате. А потоа едноставно му се препуштате на хаосот и гледате што ќе излезе на крајот.“

Три часа сон, 7.000 калории

Колку екстремно било оптоварувањето покажува податокот за спиењето. Вудс во просек спиела три до четири часа ноќе. Кон крајот понекогаш спиела само 90 минути. Кога повеќе не можела, легнувала на неколку минути директно покрај патеката.

„Едноставно се свиткате некаде покрај патот, во мала вдлабнатина обраснета со мов, и се надевате дека никој нема да помисли дека сте мртви“, раскажува таа. „Недостигот на сон беше еден од најтешките делови на целата трка“, вели Вудс. Околу три часот наутро будилникот често повторно ѕвонел.

Во исто време, морала да се обидува да го надомести огромниот потрошок на енергија. Нејзиниот тим проценува дека дневно внесувала меѓу 6.000 и 7.000 калории. Спортските пијалаци, кока-колата и електролитите биле подеднакво важни како буритата, ролните со фалафел, сендвичите, тестенините или производите од Мекдоналдс. Многу од тоа го јадела додека трчала.

Во Доломитите ѝ се придружија жештината и болките. „Во Доломитите се исплачев“, вели Вудс. „Ми беше неверојатно жешко. Имав силни болки. Бев целата отечена. Само се влечев напред и си мислев: ‘Не знам дали можам ова да го издржам’.“

Сепак, не ѝ паднало на ум да се откаже.

Жените беа запоставени

Жените долго биле запоставени во спортските истражувања. Овој рекорд за Софи Вудс отвори уште едно прашање: што би можеле жените да постигнат во спортовите за издржливост кога нивните тела би биле истражени подеднакво добро како телата на мажите?

Со децении голем дел од спортските и медицинските истражувања бил насочен кон машките спортисти. „Како жена, во таквите студии мора многу внимателно да гледате кој бил испитуван, бидејќи тоа често е група од десет мажи велосипедисти“, вели Вудс.

Жените долго биле сметани за посложен предмет на истражување, меѓу другото поради менструалниот циклус. „Ние жените со децении едноставно бевме запоставени во истражувањата.“ Иако во меѓувреме многу нешта се променија, Вудс смета дека промените не доаѓаат доволно брзо.

„Како жени во светот на спортот се бориме за трошки“, вели таа. „Се бориме за поголема медиумска застапеност, се бориме за повеќе истражувања, се бориме за повеќе спонзорства.“

Тоа дека жените се подобри спортистки во издржливоста од мажите не може да се заклучи врз основа на поединечни рекорди. Мажите и понатаму држат многу од најдобрите резултати и на пократките дистанци во просек се значително побрзи. Меѓутоа, на многу долгите натпревари, каде што на проба е издржливоста, разликата во резултатите може да се намали.

Според BBC, спортскиот физиолог Николас Тилер затоа ги нарекол дисциплините за издржливост со изразот „the great equaliser“, односно „големиот изедначувач“. При екстремно долги оптоварувања, факторите што ги надминуваат максималните физички способности можат да станат поважни.

Софи Вудс и онака помалку се интересира за тоа кој на хартија има предност. Нејзината порака до другите жени е поинаква.

„Мислам дека најхрабрата работа што човек може да ја направи е да се обиде“, вели таа.

„Осмели се да тргнеш кон она што те плаши. Не е важно што ќе биде на крајот, важно е дека си се обидела.“

Оригинал: Lola Magazin, според разговор за DW.

Прочитајте и